Такси превозот во Штип поскапува за триесет проценти
Нов удар на семејниот буџет на штипјани. Такси превозниците од утре ќе имаат 30 насто поскапи услуги, а доколку нема субвенции од Владата на почетокот на јули пак ќе ги зголемат цените. Такси компаниите очекуваат измени на Законот за патен сообраќај и либерализација на цените на такси услугите според условите на пазарот...

Такси компаниите во Штип ја зголемуваат цената на такси услугите за околу 30 насто. Доколку Владата не ги субвенционира, од први јули најавуваат поскапување за уште 30 проценти. Стартната цена останува 70 денари, но во неа нема да има два километри возење.
Според таксистите стартната цена во Штип секогаш чини еден литар гориво, што значи и со зголемени цени тешко се опстанува. Граѓаните велат дека е очекувана ваквата одлука на таксистите.
Штипјани немаат алтернативен превоз бидејќи пропадна и последниот обид на локалната власт да обезбеди јавен транспорт. Никој не се јавил на неодамна распишаниот тендер заради растот на цената на горивото. Општината подготвува нов тендер со услови адаптирани на ситуацијата.
За една година драстично е намален бројот на таксисти во Штип, од двеста лиценцирани лани, сега работат околу половина. На државно ниво во последниот месец 15 такси компании престанале со работа.
Славица Величковска
