Потребни се семејства за згрижување на деца без родителска грижа
Велес има девет згрижувачки семејства со 22 деца. Потребни се повеќе за да нема деца на улица, без родителска грижа...

Животот младата велешанка Цеце Николова во детството не ја милувал. На седум години оставена од родителите, да се снаоѓа како знае и умее, без поткрепа од никого. Но во тие тешки моменти за нејаките детските плеќи, помош дало згрижувачко семејство од Скопје, каде Цеце растела и добивала родителска грижа и љубов. Таа има само пофални зборови за семејството кое ја подигнало и воспитало.
Животот за овие деца не бил милостив, оставени на патот и милоста на судбината, но се нашле, луѓе со широко срце, кои институционални се грижат за нив. Покрај трите родени деца Ферае Думришовска од Велес одгледува уште четири, кои се без родителска грижа.
Во Македонија има 600 напуштени деца од страна родителите, кои живеат во 350 згрижувачки семејства. Во Велес има девет семејства кај кои се згрижени 22 деца. Но потребни се и повеќе, за да може да се одговори на предизвикот, сите напуштени деца, од која било причина од страна на родителите, да најдат топол дом.
Семејствата кои повеќе од 15 години се згрижувачи на деца, добиваат траен материјален надомест после наполнети 62 години за жени и 64 години за мажи.
Петар Печков
