Финците имаат подмладен состав, но секој има адути на завршниот турнир во Будимпешта
Првото саботно полуфинале од 16 часот е за македонските одбојкари против Финска. Од 19 во Будимпешта, на завршниот турнир од годинашната Европската сребрена лига, Романија ќе игра со домаќинот Унгарија, репрезентацијата со најслаб рејтинг во ова друштво. Унгарците се 34-ти на листата на ЦЕВ, Македонија е 24-та и ќе игра со најдобриот тим. Финците се 12-та одбојкарска сила на континентот, а повисоко од нас е и 17-то рангираната Романија против која остваривме подобар резултат во двомечот од групната фаза...

Првото саботно полуфинале од 16 часот е за македонските одбојкари против Финска. Од 19 во Будимпешта, на завршниот турнир од годинашната Европската сребрена лига, Романија ќе игра со домаќинот Унгарија, репрезентацијата со најслаб рејтинг во ова друштво. Унгарците се 34-ти на листата на ЦЕВ, Македонија е 24-та и ќе игра со најдобриот тим. Финците се 12-та одбојкарска сила на континентот, а повисоко од нас е и 17-то рангираната Романија против која остваривме подобар резултат во двомечот од групната фаза.
Но, во дводневната турнирска програма, отворени се сите опции, особено што секој национален состав има компаративни предности во однос на кој било ривал. Унгарија ќе игра пред домашна публика, Романија има најбалансиран состав со 14-мина употребливи одбојкари, реномето на Финска во последната деценија и повеќе е најстабилно, а содржи и осум учества на европските првенства едноподруго, полуфинале во 2007-ма и две осминафиналиња, лани и пред три години, како и учество на Светските првенства во 2014-та и во 2018-та со пласман во вториот мундијалски круг.
Се разбира, и ние имаме адути, во искуството на коректор, техничари и либеро, во младоста на примачите, во добриот центарски тандем на последните две средби по коишто ја задржавме традицијата да не промашиме полуфинале во Евролигата. За разлика од нашиот полуфинален противник Финска, ние одигравме шест средби на патот кон завршниот турнир во Будимпешта, а тие само две по откажувањето на Азербејџан.
Од натпреварувачки аспект, Финците не се во предност, а во споредба со последната пресметка на Европското првенство во Тампере, нам ни оди во прилог и тоа што селекторот Џоел Бенкс во составот ги има само двајцата примачи Ронкаинен и Макинен. Техничарот Тервапорти, коректорот Сивула, либерото Керминен и блокерите Сирила и Синконен не се во тимот, а отворено е прашањето дали ќе игра и Макинен, кој настапи против Унгарија дома, а не патуваше за гостинскиот дуел, па на негово место играше Ханинен. Ланкинен како организатор, Јокела на позиција коректор, центрите Порка и Савонсалми, како и либерото Којка се релативно непознати, но тоа не смее да залажува затоа што екипата е перспективна со петмина играчи на возраст од 23 до 25 години, еден 27-годишен и еден 21-годишен. Нам ни останува да играме и да одиграме за вкупно шести медал во Европската, а втор откако постои Европската сребрена лига.
