Воен конфликт

Зеленски: Трпиме загуби, потребно е противракетно оружје

15.06.2022 09:57

Русија го контролира поголем дел од Северодоњецк во Украина. Се подготвува хуманитарен коридор за евакуација на цивили од градот кој речиси е отсечен од украинската територија. НАТО мора да постигне повисоки нивоа на подготвеност. Во Брисел состанок на министрите за одбрана...

Украинските сили трпат големи загуби во борбите против руските војници и во Северодоњецк и во регионот Харков, рече украинскиот претседател Зеленски. Истакна дека на Украина и е потребно модерно противракетно оружје.

„Најтешките борби, како и досега, се во Северодоњецк и другите блиски градови и села. Загубите, за жал, се болни. Ракетниот напад беше во регионите Лавов и Тернопил. Постојано им кажуваме на нашите партнери дека на Украина и требаат модерни системи за ракетна одбрана. Нашата земја сè уште ги нема на доволно ниво. Во моментот имаме најголема потреба за такво оружје во Европа затоа одолговлекувањето со неговото обезбедување не може да се оправда“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Русија ги повика украинците да престанат да пружаат бесмислен отпор во Северодоњецк и предложи хуманитарен коридор за евакуација на цивилите. Гувернерот на Луганск рече дека околу 500 цивили се кријат во подземните засолништа на хемиската фабрика „Азот“.

Според украинската државна служба за итни случаи околу 300.000 квадратни километри мора да бидат исчистени од мини, што најверојатно ќе трае со години.

„Каде што се движеле трупите, каде и да останале подолг временски период, поставувале противтенковски мини за да ја одбранат својата позиција. Оваа област е затворена и овие полиња за одгледување. Луѓето сакаат да ја обработуваат земјата, да садат земјоделски култури, за да можат да достават жито до остатокот од светот“, изјави Маири Канингем, фондација „Хејло“.

Американскиот претседател Бајден изјави дека тесно соработува со партнерите од Европската Унија за изградба на привремени силоси долж границата со Украина и делови во Полска за да се извлече потребното жито.

„Мојот план е едноставен. Прво, правам сè што е во моја моќ за да го стопирам покачувањето на цената на бензинот на Путин. Имам план за намалување на цената на гасот и храната. Сепак, ќе треба време за тоа“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

Шефот на украинскиот претседателски кабинет ја обвини руската војска за гранатирање и палење на полињата со жито пред жетвата.

Марина Ристова