„Рацинови средби“

Александар Русјаков е добитник на „Рациновото признание“ за романот „Хотел помеѓу две војни“

15.06.2022 10:35

Врачена е наградата „Рациново признание“ на годинешниот добитник Александар Русјаков, за неговиот роман „Хотел помеѓу две војни“. Во конкуренција за наградата биле 22 книги…

Александар Русјаков е добитник на годинашново Рациново признание, за неговата книга „Хотел помеѓу две војни“. Наградата му беше врачена на отворањето на 59-тите „Рацинови средби“. Авторот, кој кажа дека ова му е прва награда, ја посвети на неговата мајка, која е почината, а го родила токму во градот на Рацин, Велес.

За наградата конкурирале 22 книги а жирито во состав Јасминка Делова-Силјанова, Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолска едногласно се одлучиле за романот на Русјаков. Тие делото го толкуваат како експериментален хибрид од љубовен, псевдоисториски и фантастичен роман во кој главните протагонисти се најпрепознатливите балкански Ромео и Јулија – Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте, во главниот дел од приказната и Елени Каринте и Никифор Гермијан, во паралелниот дел од споредната приказна.

Добитник на „Почесното Рациново признание“ е српскиот лингвист, универзитетски професор д-р Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад. Ова признание се доделува за афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевноста и културата во странство.

Петар Печков