Османи: Не е прашање само Македонија туку дали Софија ќе ја закочи европерспективата на регионот
Преважен момент е преговорите со ЕУ да почнат во јуни, оценија македонскиот и хрватскиот шеф на дипломатијата по средбата во Скопје. Османи нагласи дека сега зависи од Бугарија каков чекор ќе преземе и дали со него ќе го продолжи или ќе се погребе проширувањето. Хрватскиот министер за надворешни смета дека технички сè уште е можна одлука за првата Меѓувладина конференција на јунскиот Европски совет...

Почетокот на преговори ќе има во јуни ако Бугарија има политичка волја и стратешки пристап. Доколку тоа не се случи најдобрата политика на ЕУ-проширувањето ќе биде погребано, изјави шефот на дипломатијата Османи. Додаде дека од македонска страна е направено се за да Софија даде зелено светло за преговори. Но пречка е новонастаната политичка ситуација со бугарската Влада, смета Османи.
„Но се случи тоа што се случи со владата во Бугарија и се разбира сега сме во очекување да видиме што понатаму, како ќе ги продолжиме тие разговори. Се разбира времето е кратко, во прашање се денови. Во рацете е на Република Бугарија, земја којашто во 2018-та ја врати агендата на Западен Балкан преку самитот во Софија и потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали пак сега во Софија ќе се погребе? За жал ќе користам таков збор, таа перспектива на Западниот Балкан. Очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова веќе не е прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите. Ова е прашање дали воопшто Западен Балкан има европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
За Хрватска почетокот на преговори не е важно само за Македонија, туку и за Европската Унија и за безбедноста во Европа, истакна хрватскиот министер за надворешни и европски работи.
„Отворање на пристапните преговори со Северна Македонија нема да бидат само важен политички, би рекол и психолошки момент за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи вие 17 години чекате тоа да се случи. Северна Македонија направи сè што требаше, дури го смени и името, направивме големи реформи, граѓаните на Северна Македонија покажаа дека се европски ориентирани. И мислиме дека отворањето на пристапните преговори ќе биде охрабрување и ќе се отвори нова европска перспектива. Многу е важно преговорите повторно да се најде на агендата на Европскиот совет. Технички е можно. Советот е за десетина дена и очекуваме и се надеваме на првата Меѓувладина конференција“, изјави Гордан Грлиќ-Радман-министер за надворешни и европски работи на Хрватска.
Се прават крајните дипломатски напори во ЕУ, на Советот во јуни под француското претседателство да се почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, оти тоа е исклучително важно со оглед на актуелната ситуација во Европа поради војната во Украина, оцени шефот на хрватската дипломатија.
„Поради ситуацијата со бугарска Влада, доколку преговорите не почнат во јуни, неизвесно е дали тие ќе почнат и наесен.“
Ирина Гелевска
