Гласаа македонците во САД и Јужна америка
12.04.2014 19:42
За првпат во историјата на Република Македонија, македонските државјани коишто се привремена работа или престој во дијаспората имаа право да гласаат на Претседателските избори. Од над 70 илјади Македонци, за гласање на изборите за Претседател се пријавиле 8332 луѓе во трите изборни единици 7,8 и 9 за дијаспората...
1.426 македонски државјани се запишани за гласање на Претседателските избори во Изборната единица број 8 за Северна и Јужна Америка. Некои од гласачите за првпат гласаат надвор од Република Македонија.
„Ова беа првите претседателски избори на кои сум гласал тука во дијаспората. Ја користам оваа прилика да ја поздравам иницијативата и веќе и реализацијата на овој проект да се гласа тука во дијаспората, бидејќи сите ние сме интимно поврзани со нашата земја, туку и активно учествуваме во секојдневните случувања дома. Така што сметам дека е одлична идеја и ние да можеме да го искористиме правото на глас.“
„Многу ми е мило што можев денеска да дојдам да гласам и за првпат се чувствувам дека и јас можам да дадам збор за иднината на Македонија“, велат гласачите.
Гласањето во САД се одвиваше во амбасадата во Вашингтон и во конзулатите во Њујорк, Детроит и во Чикаго.
Правото на глас не можеа да го остварат некои македонски државјани коишто и покрај регуларното пријавување до ДИК не беа ставени на Избирачкиот список.
Оддалеченоста на избирачките места е најголем проблем за гласачите во дијаспората. Затоа апелираат на следните избори да биде овозможено и гласање по електронски пат.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
