Евроинтеграции

Мишел: Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ што е можно поскоро

16.06.2022 12:33

Во „Вила Билјана“ во Охрид средба на претседателот Пендаровски со првиот човек на Европскиот совет Шарл Мишел. На маса, европското досие на Македонија и францускиот предлог за кревање на бугарското вето. Мишел оптимист, но не го прогнозира исходот. Македонија бара цврсти политички гаранции од Брисел и од Софија дека бугарските барања нема да се зголемуваат...

Членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Унијата, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел од Охрид. Нагласи дека работат напорно за отстранување на бугарското вето за почеток на преговорите што е можно побрзо. Директно не ја коментираше веста дека официјален Париз до земјите членки на ЕУ ќе достави предлог за кревање на бугарското вето.

Претседателот Пендаровски предупреди дека натамошното одложување на почетокот на преговорите ќе влијание негативно на поддршката за ЕУ и на безбедноста во регионот и Европа. Шефот на државата вели дека францускиот предлог е интерна работа на унијата и не е доставен до земјава, вели Пендаровски. Во однос на барањето за вметнување на бугарите во македонскиот устав, Пендаровски појасни дека според процедурата, тоа не може да се реши за една недела. Побара цврсти политички гаранции од Брисел и од Софија дека нема да има нови бугарски барања.

Премиерот Ковачевски на средбата со претседателот на Европскиот совет Мишел истакнал дека целосно ги исполнивме условите за почеток на преговорите и дека ЕУ пред две години донесе препорака за безусловен почеток на отворање на поглавјата. Ковачевски укажал дека во состојба на војна на европско тло, забрзувањето на интеграцијата на западниот Балкан стана врвно прашање од највисок приоритет, што ќе спречи и влијание од трети страни.

Ирина Гелевска