И покрај ограничените маржи, основните производи не поевтинуваат
Маржите на основните прехранбени производи се намалија, има ли ефект владината мерка? Министерот за економија Бектеши најави подрастично намалување на цените од денеска. Сепак, сликата во маркетите поинаква. Граѓаните се жалат дека нема поевтинување, дури кај некои производи има зголемување на цената...

Иако министерот за економија Бектеши уверуваше дека подрастично намалување на цените ќе има од денеска, сликата во маркетите поинаква. Намалените маржи не ги поевтинија основните прехранбени производи. Граѓаните велат дека тие се продаваат исто како и претходните денови, кај некои има минимално намалување од еден до два денари, а според некои дури се и покачени.
Одлуката за замрзнување на маржите на 5 и 10 проценти кај основните прехранбени производи беше објавена вчера во службен весник. Ова е вторпат како државата носи мерки за превенција од поскапување. Претходните беа слични и важеа до 31-ви мај, но откако се укинаа, производите значително поскапеа, некои и за над 70 насто.
Одлуката за замрзнување на маржите ќе трае до септември. Не се исклучува можноста листата производи да биде проширена. Целта со оваа мерка е да се спречи растот на цените на основните производи и да се заштити стандардот на граѓаните.
Александра Спировска
