Макрон, Шолц, Драги во Киев на средба со Зеленски
Макрон, Шолц и Драги со специјален воз пристигнаа во Киев на средба со Зеленски. Посетата е ден пред Европската комисија да даде мислење за кандидатскиот статус на Украина. А на терен жестоки борби. Илјадници цивили во Северодоњецк се заробени, недостигаат вода и санитарни услови, предупредија од Обединетите нации...

Францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Шолц и италијанскиот премиер драги со специјален воз пристигнаа во Киев на средба со Зеленски. Потврда на отворената поддршка за Украина.
„Тука сме, фокусирани. Ова е порака за европско единство за украинскиот народ, поддршка сега и во иднина бидејќи следните недели ќе бидат многу тешки. Тука сум за поддршка и стојам со украинскиот народ“, изјави Емануел Макрон.
Посетата е ден пред Европската комисија да даде мислење за кандидатскиот статус на Украина. Меѓу земјите членки сè уште има длабоки поделби за кандидатурата на Украина која бара прием уште од 2014 година кога беше урнат прорускиот претседател Јанукович. Претседателот Зеленски најави дека ќе учествува на претстојниот самит на НАТО во Мадрид.
„Имаме уште еден сигнал дека одбранбената поддршка на Украина ќе биде постојана. Како дел од Рамштајн, Британија и Данска најавија специјална донаторска конференција во Копенхаген во август. Претходно, беа вклучени 14 држави“, изјави Володимир Зеленски.
Во меѓувреме претседателот на САД, Бајден најави дополнително оружје за Украина, вредно милијарда долари. И министрите за одбрана на НАТО во Брисел разгледуваат воена помош за Украина.
„Овде сме да разговараме за ситуацијата во Украина и принципите на одбрана и одвраќање врз кои е основан НАТО. Ќе обезбедиме воена помош за Украина на краток и долг рок“, изјави Анита Ананд, министер за одбрана на Канада.
А, во Северодоњецк илјадници цивили се заглавени, поради руските напади.
„Се наоѓаме во Лисичанск во регионот Луганск, на само десет километри од Северодоњецк. Руската војска се обидува да го опколи градот и секојдневно го гранатира. Во такви услови, остануваат 15 илјади цивили.“
„Пукаат во мирни области, цивилни куќи, не им е грижа. Имаше многу гранатирања, па во последно време имаше многу цивилни жртви.“
Обединетите нации предупредија дека во регионот нема вода и храна и санитарни услови.
Марина Ристова
