Партии

Партиските ставови спротивставени за антикризните мерки

16.06.2022 14:44

Како одговорна партија и парламентарно мнозинство, остануваме посветени на мерките и решенијата за надминување на последиците од кризата, велат од СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ пак, платите се ниски, а трошоците за живот превисоки. Месечниот буџет не стигнува ниту за подмирување на основните месечни трошоци...

Партиите со спротивставени ставови за владините мерки. Според власта ценовните шокови се должат на војната во Украина и на енергетската и економската криза, додека опозицијата тврди дека енормните поскапувања се резултат на ненавремените и неадекватни политики на неспособната и корумпирана Влада. Платите се ниски, а трошоците за живот се превисоки. Месечниот буџет не стигнува ниту за подмирување на основните месечни потреби, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека граѓаните во нивната теренска анкета во големо мнозинство рекле дека не можат да ги задоволат основните егзистенцијални потреби ниту на неделно ниво. Затоа бараат предвремени парламентарни избори.

Во СДСМ потенцираат дека Владата се грижи за стандардот на граѓаните и спречување нови ценовни шокови. Со ребалансот, 60 милиони денари се издвоени за енергетиката. Социјалдемократите посочуваат дека како одговорна партија остануваат посветени на мерките и решенијата кои имаат за цел надминување на последиците од кризата.

Министерствата на Владата за време на економска и енергетска криза, непосредно пред прехранбена криза која се најавува за следната зима, активно работат на осиромашување на народот, велат од Левица. Според партијата, Бесими со ребалансот проектирал 7 насто инфлација, а таа веќе достигна 12 проценти.

Игор Панов