Кошарка
Победа на МЗТ, пораз на Работнички
12.04.2014 23:58
МЗТ Скопје славеше против Кожув, со 97:90, во третото коло од македонската Супер лига во кошарка. Маринковиќ, капитенот Гечевски и Дамјан Стојановски постигнаа по 15 поени, 13 имаше Чековски, 11 постигна Цветковиќ меѓу кои и клучната тројка во последната минута, со што македонскиот шампион ја осигура третата победа во три меча во нашиот шампионат.

МЗТ имаше водство од стартот, повремено и солидна двоцифрена предност, но на моменти, особено во второто полувреме му дозволуваше на тимот од Гевгелија да се понадева дека може да приреди изненадување во СЦ Борис Трајковски. Кај поразените, Чупковиќ имаше 25 поени, а капитенот Караџовски постигна 18.
Куманово победи во пресметката со Работнички, со 87:77. Лирија славеше против Струмица, со 86:69. На табелата, МЗТ Скопје Аеродром има максимални 6 бода на лидерската позиција, пред Лирија и Кожув со по 5 бода. Работнички и Куманово имаат по 4, а Струмица има 3 бода по три порази во три средби. Поради приклучувањето на МЗТ Скопје, во Супер лигата се бодува од почеток.
Во плеј аутот, Фени неочекувано загуби дома од Карпош Соколи со 66:75, а Вардар Апаве го совлада Пелистер со 101:74. Фени има 27 бодови, со оние од регуларниот дел на сезоната, пред Соколи со 26, Вардар со 24 и Пелистер со 20.