Наскоро два нови огласи за закуп на земјоделско земјиште
Наскоро треба да бидат распишани уште 2 нови огласи за давање под закуп на државно земјоделско земјиште. Парцелите се со големина над 3 хектари, а ќе бидат понудени скоро 3.800 од кои 500 хектари се наменети за сточарите за производство на добиточна храна...

Деновиве треба да се распишат уште два нови огласи за закуп на државно земјоделско земјиште со големина над 3 хектари, а вкупната површина на парцелите кои ќе се понудат е скоро 3.800 хектари.
Првиот оглас е наменет за производство на добиточна храна, односно за житни, фуражни и за индустриски култури за период до 15 години. Земјоделското земјиште кое ќе оди под закуп со овој оглас е 530 хектари, распоредени во десет региони низ државата, односно во атарите на општините Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип.
Минималната површина која може да се даде на еден закупувач е 3 хектари доколку достави потврда дека има најмалку 5 говеда или 50 овци или кози, 20 свињи, 500 кокошки или друга живина.
Максимумот пак, за кој еден учесник може да аплицира на овој оглас изнесува 20 хектари.
Вториот јавен оглас е за земање во закуп на земјоделско земјиште поголемо од 3 хектари наменети за подигнување на долгогодишни насади и оранжерии за период од 15 до 70 години во зависност од културите.
Вкупната површина изнесува 3.240 хектари, кои се наоѓаат во 22 региони низ целата држава.
Методија Трајков
