Радев: Владата на Петков да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Македонија
Францускиот предлог за кревање на бугарското вето сè уште не е доставен до Софија. Засега без детали од Париз и од Брисел. По два дена молк, се огласи и претседателот Радев. Побара од Петков во Брисел да го брани националниот интерес. Ситуацијата повторно зовре во бугарскиот Парламент, стигнувајќи до раб на физичка пресметка меѓу пратениците од „Продолжуваме со промената“ и ДПС...

Владата мора да ги отфрли сите сомнежи дека може да направи отстапки од ветото за Северна Македонија, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев. Тој го повика премиерот Петков, кој идната недела ќе присуствува на јунскиот самит во Брисел јасно да каже за што се залага зашто граѓаните имаат право да го знаат тоа, особено по информациите за францускиот предлог за кревање на рампата.
„Знаете дека премиерот следната недела заминува во Брисел и тој таму треба да го брани националниот интерес. Затоа, и Народното собрание и Бугарите мора однапред и јасно да знаат, каква точно позиција ќе има премиерот и таа не може да се разликува од рамката на Консултативниот совет за национална безбедност. Секоја измама или обид за нејзино замена и за заобиколување на националната позиција ќе има тешки последици“, изјави Румен Радев.
А од Брисел оптимистички вести. Еврокомесарот за проширување Вархеји, изрази надеж дека сепак меѓувладините конференции за Македонија и Албанија ќе се одржат за неколку дена. Тој посочи и дека сè уште не постои преговарачка рамка меѓу ЕУ и нашата земја која би била гарант за зачувување на европските вредности и принципи кога станува збор за интеграција на Македонија.
„Не сум запознаен со никаква преговарачка рамка, знам дека има комплетен застој во Софија, го поминувам речиси секој вторник во таа земја, без резултат, очигледно е дека внатрешната политика е способна да му наштети на кредибилитетот на ЕУ, нема преговарачка рамка во овој момент. Сепак нема причина да чекаме уште поради внатрешни политички прашања во Бугарија, се надевам дека зборуваме за денови, а не за месеци или години кога станува збор за првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија“, изјави Вархеји.
Во меѓувреме Бугарија ја тресе силен политички земјотрес по разрешување на Собранискиот спикер. Со излегувањето на неколку пратеници од партијата на Трифонов „Има таков народ“, на премиерот Петков му требаат уште 12 пратеници да го преживее гласањето доверба, кое се очекува идната недела. По протестите пред Собранието, тензијата се префрли и внатре во Законодавниот дом, каде пратеници беа на раб на тепачка по жестокиот говор на Костадинов од „Преродба“.
„Вчера бевме сведоци на обид за мајдан во Бугарија. Обид кој не успеа целосно, затоа што мајдан се прави со мажи, а не со платени соросоиди“, изјави Костадин Костадинов, пратеник од „Преродба“.
По тензичните сцени во собранието во Софија, претседателот Радев коментираше дека се дискредитира Законодавниот дом кој не смее да биде пазар.
Марина Т. Стојанова
