ЕК препорача кандидатски статус за Украина
Европската комисија препорача кандидатски статус за Украина за членство во ЕУ. На терен пак, жестоки борби. Северодоњецк под силен артилериски оган, стотици цивили се заглавени во фабриката „Азот“. Дали посетата на Макрон, Шолц и Драги на Киев значи дека Зеленски ќе седне на преговарачката маса....

Се разгорува фронтот во источна Украина. Жестоки битки во Северодоњецк, но во фокусот е фабриката „Азот“ каде што се сместени над 550 цивили. Поради непрекинатите артилериски напади, нивната евакуација е невозможна.
„Лидерите разбираат зошто нема преговори за крај на војната. Исклучиво поради позицијата на Русија, која се обидува да ги заплаши сите во Европа и да продолжи да ни ја уништува земјата. Не сакаат да најдат начин за мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Гранатирања и од другата страна на границата. Властите во Курск тврдат дека од украинска територија бил извршен напад.
„Ние не извршивме инвазија во Украина, туку прогласивме специјална воена операција бидејќи немавме друг начин да му објасниме на Западот дека влечкањето на Украина во НАТО е криминален акт“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Киев бара воена помош и инсистира на влез во ЕУ. Брисел со препорака за кандидатски статус.
„Еврокомисијата му препорача на Советот, прво Украина да добие европска перспектива, и како второ, да добие кандидатски статус. Ова ќе зависи од тоа дали земјата ќе ги спроведе бројни и важни реформи“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на ЕК.
„Во еден момент ќе мора да дојде до воена победа или преговори, а сите одлуки за територии и отстапки ќе мора да ги донесе Украина“, порача лидерот на Франција, Макрон. Не ја исклучува ни можноста за посета на Москва и средба со неговиот руски колега Путин, но под одредени услови.
Продолжуваат напорите и за зајакнување на НАТО, со фокус на источното крило. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин во Брисел. Поради конфликтот, неколку земји се премислија во однос на воената неутралност. Распоредот на силите на Алијансата ќе се утврдува на претстојниот самит на 29-ти и 30-ти јуни во Мадрид.
Маја С. Филдишев
