Македонија

Спасовски: МВР е посветено кон натамошно зајакнување на начелата на транспарентност и отчетност

17.06.2022 14:23

Фокусот на МВР во натамошното унапредување на позициите и улога на полицијата е насочен кон максимална комуникациска коректност и отвореност пред граѓаните и во примената на полициските овластувања, вели министерот Спасовски. според градоначалникот на Карпош Јакимовски, граѓаните имаат проблеми со локални разбојници и насилници, а полицијата не вложува доволно напори да ги спречи...

Припадниците на полицијата да се водат од начелото на еднаквост пред законот, без оглед на социјалната, политичката или етничката припадност на сторителот, рече министерот за внатрешни работи Спасовски на Конференцијата за демократско полициско работење. Тој посочи дека полицијата мора да биде отчетна и транспарентна, и да биде вклучена во проблемите на заедниците преку локалните совети за превенција.

Градоначалникот на Карпош критички се осврна на проблемите што граѓаните ги имаат со локалните разбојници и насилници кои го нарушуваат јавниот ред и мир. Според него, полицијата не вложува доволно напори да ги спречи и затоа полицајците да имаат поголеми овластување.

Според истражувањето на Евротинк, околу 20 проценти од населението е запознаено со работата на полицијата на локално ниво. Лани биле поднесени 91 кривична пријава против 217 полициски службеници. 36 добиле условна казна, 6 завршиле во затвор, четворица добиле парични казни, исто толку биле ослободени.

Од истражувањето произлезе препораката да се формира надворешен механизам за контрола на полицијата, посебно одделение во состав на Народниот правобранител составено од претставници на институцијата и од граѓанското општество.

Игор Панов