Борбени авиони Ф-35 слетаа на аеродромот во Петровец
На аеродромот во Петровец слетаа авиони Ф-35, од борбениот сквадрон на националната гарда на Вермонт. Претходно извршија прелет над Скопје. Уште еден доказ на силното сојузништво и единство во НАТО …

За првпат американски борбени авиони Ф-35 од 134-тиот борбен сквадрон на националната гарда на Вермонт над Скопје и слетаа на аеродромот во Петровец. Присуството на борбените авиони од петтата генерација е уште еден показател за силното сојузништво и единство во НАТО и подготвеноста на Алијансата да ја заштити безбедноста на своите земји членки.
Со прелетувањето на американските авиони Ф-35 се обележува речиси тридецениското партнерство меѓу Mакедонската Армија и Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт. Авионот Ф-35 е едносед, едномоторен, повеќенаменски борбен авион со способности за електронско војување и разузнавање, надзор и извидување со цел да воспостави воздушна супериорност и реализација на мисии воздух-земја.
Прелетот на американски борбени авиони над македонскиот воздушен простор доаѓа по состанокот на НАТО, каде што министрите за одбрана одлучија да ја засилат безбедноста на земјите членки со поголемо присуство во воздух, на земја и на море.
Македонскиот воздушен простор го обезбедуваат грчки борбени авиони Ф-16 во рамки на воздушната политика на НАТО за споделување на одговорностите за безбедноста меѓу сојузниците.
Ирина Гелевска
