Евроинтеграции

Власта и опозицијата за францускиот предлог

17.06.2022 20:21

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека со ставањето на бугарските барања во Преговарачката рамка, Македонија или ќе се бугаризира или никогаш нема да станеме членка на Унијата. Поранешниот министер Милошоски, објави и документи од предлог-преговарачката рамка. Шефот на дипломатијата Османи вели, тоа се само предлози, кога ќе бидат конечни, нашата страна ќе каже што е прифатливо, а што не. Документот предвидува советот да ја одобри преговарачката рамка за земјава на 23-ти јуни, а за отворање на првото поглавје да биде потребно внесување на Бугарите во Уставот …

Поранешниот министер Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ објави  документи, за кои вели дека се дел од Предлог-преговарачката рамка со Европската унија.

Според него има неколку позиции кои се лоши за земјава, билатералните договори од Преспа и оној со Бугарија да станат составен дел од Преговарачката рамка со Европската унија, заедно со записниците од историската комисија. Потоа, да се внесе малцинското прашање, коешто според Милошоски значи отворање на Уставот. А, и Процесот на стабилизација и асоцијација, да стане дел од Преговарачкта рамка. Опозицијата предупреди дека внесувањето на билатерални прашања во преговарачката рамка ќе значи или дека ќе се бугаризираме или никогаш нема да станеме членка на Европската унија.

Османи, смета дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да печали политички поени пред протестот. Шефот на дипломатијата објаснува дека е во тек процес на консултации меѓу земјите членки пред да се усогласат ставовите.

И да има предлог, ние би го анализирале и би дале забелешки, вели Османи.

Медиумите објавија дека францускиот предлог предвидува, на 23-ти јуни годинава, Советот за општи работи на Унијата да ја усвои Преговарачката рамка за земјава и за истиот ден да закаже Меѓувладина конференција. Следната Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори, ќе се одржи откако Бугарите ќе влезат во Уставот.

Јазикот ќе биде македонски, а двете страни ќе имаат изјави кои нема да влијаат на содржината на Рамката за преговори. Земјава ќе треба да усвои Акциски план за заштита на малцинствата.

 

Наташа Јанчиќ Менковски