Мирен старт на изборите во Штип

13.04.2014 12:54

На 80 избирачки места во Штип, точно во 7.00 часот утринава беа отворени вратите за 41.698 гласачи...

Гласањето, на територијата на цела општина се одвива во мирна, фер и демократска атмосфера

„Сите избирачки места се отворени точно на време, гласањето почна секаде и досега немаме никакви проблеми“, вели Маре Каранакова, заменик претседател на Општинска изборна комисија – Штип.

Излезноста на гласачите, во утринските часови е вообичеано мала, но нив во континуитет ги имаше на гласачките места.

„Досега гласаа 27 граѓани со право на глас и се се одвива во најдобар ред“, вели Јорданчо Здравев, претседател на ИО на ИМ 2263 – Штип.

Први своето право на глас го искористија повозрасните.

„Ние сме меѓу првите, гласавме 12-ти...Се’ е добро, изборите се одвиваат мирно... Јас досега не сум пропуштила ниту еден избирачки циклус... Многу е важно секој да си го исполни правото на глас...“,  велат граѓаните.

Инаку, на ниво на источен регион, денес се гласа на 373 избирачки места, а право на глас имаат 162.403 гласачи.

 

Оливера Жежова