Емил Рајковиќ е нов тренер на ЦСКА Москва
Македонскиот стратег (43) потпиша двегодишен договор, а довербата кај „армејците“ ја стекна со одличната работа во Автодор минатата сезона и во Астана две пред тоа. Во 2019 беше прогласен и за тренер на сезоната во тамошната ВТБ-лига, па заслужено се препорача на гигантот од Москва...

Ретки се призннија за Македонци во меѓународната кошарка, затоа заслужува гласно да одекне трансферот на Емил Рајковиќ, кој денеска беше промовиран како нов тренер на осумкратниот европски шампион – ЦСКА Москва.
Македонскиот стратег (43) потпиша двегодишен договор, а довербата кај „армејците“ ја стекна со одличната работа во Автодор минатата сезона и во Астана две пред тоа. Во 2019 беше прогласен и за тренер на сезоната во тамошната ВТБ-лига, па заслужено се препорача на гигантот од Москва.
Истово признание минатиот месец четврти пат го освои Димитрос Итудис, Гркот кој ја предводеше ЦСКА во последниве осум години и чие столче треба да го пополни Рајковиќ. За жал, нема да настапува во Евролигата претстојнава сезона, бидејќи московјани се суспендирани од УЛЕБ, но доволен предизвик треба да биде враќањето на приматот во Русија, откако ЦСКА ја предаде титулата на Санкт Петербург и остана на 27.
„За мене е огромна чест, но исто така и голема обврска што доаѓам на чело на еден огромен клуб со богата традиција како што е ЦСКА Москва, уште повеќе ако се знае дека ЦСКА се приближува до прослава на својата стогодишнина од постоењето. Горд сум што воопшто добив покана и благодарен на довербата што ми ја укажуваат водечките луѓе на клубот. Со заедничка работа и максимална посветеност можам да кажам дека модерна и интересна кошарка во која нашите навивачи ќе уживаат. Исто така, ќе одиме на победа на секој натпревар, паралелно со тоа посветувајќи внимание за играчите да се развиваат максимално и да даваат се од себе, во рамките на својот потенцијал“, изјави Рајковиќ.
Рајковиќ своевремено беше трикратен шампион на Македонија со Фени Индустри, каде што помина најголем дел од тренерската кариера, седум години, а на меѓународната сцена беше предводник на Сласк Вроцлвав, Стал Остров Вјеликополски, Астана и Автодор.
