Евроинтеграции

Османи: Ставот за францускиот предлог ќе го кажеме кога ќе дојде време

18.06.2022 12:16

Францускиот предлог е чекор во вистинска насока, но има уште многу работи за разјаснување, смета бугарскиот претседател Радев. Шефот на македонската дипломатија Османи воздржан. Вели ставот за сите прашања поврзани со предлогот на Париз, ќе бидат изнесени откако формално ќе го добијат. Во македонските и бугарските медиуми објавени детали од францускиот предлог со којшто бугарските барања би влегле во преговарачката рамка…

Политичка меѓувладина конференција на 23-ти јуни, а официјалната по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, ова го предлага Париз како актуелен претседавач со ЕУ. Францускиот предлог за отстранување на бугарското вето ги содржи барањата на Софија и навлегува во македонските црвени линии. Истовремено не дава гаранции дека за време на отворањето на поглавјата, Бугарија повторно нема да блокира.

ЕУ со ваква преговарачка рамка треба да биде гарант дека земјава ќе ги исполнува бугарските барања. Шефот на дипломатијата вели, кога официјално ќе биде доставен францускиот предлог, македонската страна ќе даде свое мислење. Потсети дека истиот треба да го прифатат сите земји-членки.

„Тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи коишто француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки. Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата“, изјави Османи.

Бугарскиот премиер Петков најави дека нема да донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија без одобрување во бугарскиот парламент. Изјави дека францускиот предлог ги гарантира правата на Бугарите и нивно внесување во Уставот.

„Јас го немам видено предлогот на Франција, но од тоа што го знам е дека се штитат правата на Бугарите и РСМ до првата конференција треба да ги вметне во Уставот. Во секој случај јас ништо нема да преземам без парламентот. Каква одлука тој ќе донесе, таков ќе биде и мојот став кон ова прашање наредната недела во Брисел“, изјави бугарскиот премиер Петков.

Бугарскиот претседател Радев смета дека францускиот предлог е чекор во вистинската насока, но дека има уште работи што треба да се разјаснат за да Софија се согласи на отворањето на преговори.

Францускиот предлог може да биде одбиен од некои земји-членки на ЕУ што сметаат дека во преговарачката рамка не треба да се внесуваат билатерални прашања.

Ирина Гелевска