Куманово

Се суши борова шума во липковско

18.06.2022 12:50

Црвеникава борова оса нападна над 135 хектари борова шума во липковско Слупчане. Стручните лица појаснуваат дека станува збор за сериозен штетник, кој може да се прошири на поголема површина. Во земјава црвеникавата борова оса е регистрирана на 773 хектари шума. Последното авиоуништување било во 2005-та година на околу 500 хектари во кумановскиот и скопскиот регион.

Неколку хектари борова шума во липковско е нападната од црвеникава борова оса. Овој инсект кој е сериозен штетник на црниот бор, зафати над 135 хектари шума во Слупчане.

Според кажувањата на жителите оваа шума се суши веќе два месеци. Тие стравуваат доколку не се интервенира бргу, дека ќе биде зафатена уште поголема површина.

Жителите на Слупчане укажуваат дека за проблемот интервенирале во Општина Липково и Шумско стопанство, но одговор добиле само од Факултетот за шумарски науки.

„Оваа шума е засадена пред 50-ина години, околу 70-тите години и до денеска беше добра, но почнува да се суши. Бараме помош од надлежните органи, експерти, да преземат нешто за да не се исуши целосно, бидејќи е грев да се чува 50 години а да се уништи за неколку месеци“, изјави Фатмир Асани, жител на село Слупчане.

За проблемот со сушењето на шумата во липковско е запознаена катедрата за заштита на шумите и дрвјата. Од таму појаснуваат дека станува збор за сериозен штетник кој може да се прошири на поголема површина. По анализата е утврдено дека може да се интервенира, но во мај идната година.

„За него има повеќе начини за уништување, еден од начините е со биопрепарати и со употреба на вируси кои не ја загадуваат животната средина, а делуваат токму на тој инсект и се конкретно за тој инсект специјализирани вируси“, вели Стерја Начески, професор на Факултет за шумарски науки.

Стручните лица појаснуваат дека ваквиот штетник во земјава е регистриран на 773 хектари шума. Се предвидува следната година да биде зафатена уште поголема површина. Апелираат да се преземат мерки за нејзино уништување. Последното авиоуништување било во 2005-та година на околу 500 хектари во кумановскиот и скопскиот регион.

Елена Георгиевска