Свет

Русија нема проблем со украинското членство во ЕУ

18.06.2022 14:37

„Русија нема проблем со украинското членство во ЕУ, блокот не е воен сојуз“ – тврди шефот на Кремљ. Путин предупреди дека санкциите од западот кои ги нарече „економски блицкриг“ ќе ѝ нанаесат штета на Европската унија од над 400 милијарди долари. Стариот континент веќе почна да ги користи зимските резерви со енергенси. Венецуела праќа танкери во Европа.

Рускиот претседател Владимир Путин не гледа проблем во бриселската препорака за доделување на кандидатски статус на Украина за членство во ЕУ. На Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, покрај осудата на санкциите кои ги нарече „Блицкриг“, лидерот на Кремљ повтори дека неговата земја не се обидува да се изолира и има право да ги признае републиките во Донбас. Руското МНР тврди дека нивниот западен сосед веќе не постои во рамките на старите граници.

„Европската унија не е воена организација или воено-политички блок, за разлика од НАТО. Постојано велиме дека нашиот став е многу јасен за ова прашање. Ние немаме ништо против тоа“, изјави Путин.

На изненадување на другите потенцијални кандидати, кои со години седат во европската чекалница, Украина успеа да добие препорака за кандидатски статус од Брисел. Од први јули, најави укинување на безвизниот режим за Русите.

„Украинските вредности се европски вредности. Украинските институции ја задржуваат силата и во услови на војна. Укранските деократски навики не ја загубија моќта. Пристапување кон ЕУ не е позитивно само за нас. Тоа е најголемиот придонес за иднината на Европа за многу години“, рече Зеленски.

Територијалната одбрана на Доњецк - еден од двата клучни региона во воената агенда на Москва - информира за гранатирања и седумдесетина заробени рудари поради прекин на струја. Во Одеса потопен рускиот брод „Васили Бек“ што доставувал оружје на Змискиот остров. По тримесечно ропство, ослободена украинската докторка Јулија Пајевска.

Британскиот премиер Борис Џонсон кој беше во посета на Киев вети стратегиска помош, но и поддршка за извозот на житарки. Го повика Западот да им помогне на Украинците да си ја вратат територијата којашто ја зеде Русија.

„Би било катастрофално да победи Путин. Ке биде катастрофално ако успее да си обезбеди копнен мост до градовите во југот за да го контролира Донбас. Тој го сака токму тоа“, вели Џонсон.

Намалувањето на испораките на природен гас ја принуди Европа да ги користи резервите за зимската сезона. На Стариот континент ќе му помага Венецуела која во првиот пакет подготви 650 илјади барели нафта. Се подготвува и втор танкер со дополнителни два милиони барели.

Маја С. Филдишев