Евроинтеграции

Во Скопје воздржаност за францускиот предлог, во Софија политички пресметки

18.06.2022 16:40

„Ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес да го направиме тоа“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи за планот на официјален Париз за симнување на ветото. Бугарскиот претседател Радев вели дека францускиот предлог е чекор во вистинска насока, но има делови што треба да се разјаснат. Го обвини Петков дека се однесува како курир наместо како премиер…

Во Скопје воздржаност и барање за трпение, во Софија политички пресметки меѓу претставниците на државниот врв за францускиот предлог за отстранување на ветото. Министерот за надворешни Османи вели дека не сака да коментира ништо сè додека официјално не го види францускиот предлог.

„Ние немаме формално добиено предлог, треба кај нас да стигне како кандидат откако Унијата ќе усогласи став. Со внимание ги следиме сите објави и реакции за францускиот предлог. Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме тоа“, нагласи шефот на дипломатијата, Османи.

Бугарскиот премиер Петков вели дека францускиот предлог ги гарантира правата на Бугарите и нивно внесување во Уставот. Според него, на Македонија ѝ се гарантира дека откако ќе ги внесе Бугарите во Уставот, Бугарија нема да може да измислува нови пречки.

„Од тоа што јас досега сум го видел и слушнал од овој предлог е дека Европската унија дава можност за гарантирање на правата на Бугарите во РС Македонија, преку јасен механизам дека Северна Македонија нема да ги започне преговорите со ЕУ пред да го промени Уставот. Откако ќе се смени Уставот и Бугарите ќе бидат впишани во него, тие автоматски да ги започнат преговорите. Францускиот предлог е гаранција и за Северна Македонија со тоа што откако тие ќе ги почнат преговорите по внесувањето на Бугарите во Уставот, Бугарија нема да поднесува нови и нови барања на секои 6 месеци“, изјави бугарскиот премиер Петков.

Бугарскиот претседател Радев очекува владата на Петков да ги разјасни деталите од францускиот предлог и да побара механизми и гаранции за решавање на проблемите. Го обвини Петков дека се однесува како курир наместо како премиер.

„Францускиот предлог за Македонија е чекор во вистинската насока, но сè уште има прашања што треба да се разјаснат – како што е вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата, јасни и мерливи критериуми за ставање крај на политиката на де-бугаризација и кражба на историјата, бугарското културно и историско наследство, рехабилитацијата на сите жртви и репресирани само затоа што се осмелиле да се нарекуваат Бугари“, рече бугарскиот претседател Румен Радев.

Франција како актуелен претседавач на ЕУ го достави предлогот за надминување на бугарското вето за преговорите на увид на сите земји членки за да се расправа на претстојниот Европски совет.

Францускиот предлог може да биде одбиен од некои земји-членки коишто сметаат дека во преговарачката рамка не треба да се внесуваат билатерални прашања.

Ирина Гелевска