Македонија

Сè уште не се обезбедени спасители на вода на јавните плажи во Охрид

18.06.2022 16:56

Во пресрет на главната туристичка сезона охридскиот Црвен крст и општинските власти сè уште не разговарале за обезбедување на спасители на вода за јавните капалишта. Од Црвениот крст очекуваат како и лани нивните спасители да патролираат од вода и копно долж плажите од отворен тип, но секако дека за капачите ќе беше побезбедно доколку екипи спасители беа стационирани на капалиштата, како што тоа беше случај додека плажите се издаваа под концесија…

Иако за десеттина дена започнува главната туристичка сезона на охридското крајбрежје до Црвениот крст сè уште не пристигнало официјално барање од општината за обезбедување на спасители на вода на јавните плажи, односно за плажите коишто повеќе немаат концесионери. Засега интерес пројавиле само хотелите и авто- камповите, но нивните капалишта зафаќаат само 10 проценти од плажите долж брегот. Од Црвениот крст велат дека се подготвени како и лани со чести патроли од вода и копно да вршат контроли, меѓутоа безбедноста на капачите ќе биде поголема доколку на плажите има постојано спасители.

„Апсолутно, тоа и го препорачуваме и на локалната и минатата година и сега да постават на капалиштата ознаки дека има патролни служби на спасители но дека нема постојано присуство. Најповеќе интервенции имавме токму на капалиштата кои се најфреквентни“, вели Сашо Точков-претседател на Црвен крст-Охрид.

Загрижува тоа што бројот на лица коишто се занимаваат со професијата спасител на вода е сè помал.

„Бројот на млади луѓе кои се занимаваат со оваа професија спасување на вода е сè помал и помал. Тоа е проблем на целата држава за иселување на младите, за барање работа во странство, за вработување други овде, така да навистина имаме проблем“, вели Точков.

И бројките го потврдуваат тоа, бидејќи пред пет години имаше над 400 спасители, а сега таа бројка е двоцифрена. Тоа може негативно да влијае врз туризмот затоа што гостите покрај тоа што сакаат да уживаат на плажите, огромно внимание посветуваат на безбедноста којашто им се нуди.

Сашо Нелоски