Здравство

Зголемен број повици во Итната медицинска помош

18.06.2022 17:06

Ѕвонат телефоните во Итната медицинска помош. Ковидот е во мирување, но атмосферскиот притисок кој постојано варира, влијае на граѓани и на пациенти со хронични заболувања и им задава мака на медицинските тимови. Поголем број од повиците за помош, денеска се од јавните места. Граѓаните колабираат…

Околу 300 пати за 24 часа ѕвони телефонот во Итната медицинска помош. Многу повици, малку тимови. Седум во прва смена, шест во ноќна. Медицинските лица се трудат да ги смират загрижените роднини кои бараат помош за своите блиски кои се хронично болни или во моментот им се слошило.

Како што вели доктор Карамановски, препишаните терапии од специјалист не го даваат секогаш очекуваниот позитивен исход. Па освен пациенти, ѕвонат и нивните колеги од домашна посета.

„Утрото многу интервенции на отворено, колабиран во капела во Бутел, предозиран, падната баба кај Католичка …“, вели д-р Георги Карамановски од итната медицинска помош.

Во просек имаат од 90 до 120 интервенции на терен.

Според податоците на дежурните тимови на Итна медицинска помош, 60 проценти од интервенциите се на јавни места.

Наташа Јанчиќ-Менковски