Македонија

Куманово: Објекти заглавени во стечајни постапки

19.06.2022 10:16

Со години се запуштени објекти на поранешни хотели, кафеани, продавници во Куманово. Местата на кои во минатото поминувале бројни граѓани, се оставени да пропаѓаат иако се во центарот на градот. Повеќето од објектите се заглавени во стечајни постапки.

Некогаш најпопуларни локации, денес само руини. Објектите на хотелите Кристал, Куманово, кафеаните Мостар и Пчела со години се заглавени во стечајни постапки и оставени, незаштитени, да пропаѓаат. Иако се наоѓаат во центарот на градот, па дури и до самиот плоштад, немаат никаква намена. Често се сврталиште на бездомници. Хотел Кристал, кој заедно со Ку-ба, некогаш припаѓал на угостителското претпријатие АД Бисерка, располагал со сериозен сместувачки капацитет од дури 400 легла.

Објектот по кој некогаш беше препознатлива најголемата општина во земјава денес е само извор на зарази. Кумановци за МТВ велат дека е срамота што вакви објекти, во центарот на градот, се оставени да пропаѓаат.

„Ова е грдотија за градот, хотел Кристал беше прочуено место, доаѓаа луѓе и од страна, сега е запустено. Не е само ова, еве тука е Пчела, стара кафеана“, вели еден кумановец.

„Уште кога требаше да се реши, на што личи центар на градот. Има многу објекти вакви не е само Кристал“, дополнува друг.

„Треба да се уреди, најубав хотел беше сега излезе најлош“, нагласува трет.

И оние што некогаш работеле во објектите порачуваат дека мора да се реши состојбата, да се реновираат.

„Во минатото сите знаат како беше не само јас, колку беше убаво, целиот град, празници, народ. Ова е срамота за Куманово. Ако треба од друга држава да дојдат гости немам коментар каде треба да ги сместиме тие луѓе. За Куманово ова не е убава слика“, дополнува некогаш вработена во хотел Кристал.

Кумановци се надеваат дека наскоро ќе се стави крај на стечајните постапки и дека на ваквите локации ќе се изградат нови објекти, кои ќе придонесат за економски развој на градот, нови вработувања.

Елена Георгиевска