Македонија

Општина Виница го поништи градежното одобрение за мала хидроцентрала кај Блатец

19.06.2022 10:25

Пробиен е рокот за старт на изградба на мала хидроцентралата кај село Блатец, виничко. Ова е правниот основ заради кој Советот на Виница го поништи градежното одобрение на инвеститорот и ги задоволи барањата на локалното население кое со години протестираше против изградба на објектот...

Советот на Општина Виница одлучи да го поништи решението за градба на мала хидроцентрала на река Блатешница, кај село Блатец. Причина е ненавременото отпочнување со градба од страна на инвеститорот, кој според договорот имал обврска тоа да го стори во рок од две години од добивањето на градежното решение.

Со овој потег локалната власт ги задоволи барањата на жителите на Блатец кои со години протестираат против изградба на оваа хидроцентрала, загрижени за нејзиното влијание врз еко системот и посебно врз водните ресурси.

Хидроцентралата беше со проектирана моќност од 606 киловати, без брана и со дотур на водата до турбината со цевковод долг три километри. Рокот за жалба сè уште трае и инвеститорот ја обжали одлуката на Советот на Виница пред второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски.

 

Славица Величковска