Глобално затоплување

Топлотен бран во западниот дел од Европа, се очекува и на Балканот

19.06.2022 15:04

Топлотен бран во западна Европа. Во Шпанија регистрирани пожари, во Франција издадено предупредување. Африканска воздушна маса и над Швајцарија. Слични временски услови се најавуваат и за Балканот. Метеоролозите предупредуваат – поради глобалното затоплување, наместо во летниот период, екстремно високи температури се евидентираат уште во пролетната сезона.

Западна Европа под ран топлотен бран. Како последица на климатските промени, сезоната на горештини го претрка календарскиот старт на летото. Жешката воздушна маса од Африка сега се протега од Средоземјето, па сè до Северното Море. Температури над 40. целзиусов степен се измерени од Лондон до Париз. Се зголемува притисокот врз болниците и енергетските мрежи.

„Па, јас сакам повеќе топло отколку студено. Претпочитам сонце, а не дожд и снег. Ова не е топлотен бран, ама не ми пречи. Одлична можност да излезам и уживам.“

„Овде сме неколку дена. Со многу вода и сладолед успеавме да направиме сè што планиравме.“

„Прв пат сум во Париз, па се обидувам да се справам со ова. Пијам многу вода, ставам крем со заштитен фактор и седам под сенка, но жешко е.“

Топлото време ги наполни плажите во Барселона.

„Опасно е. Ова се последиците од климатските промени, мора да најдеме решение за во иднина. Не може да продолжиме вака. Имаме рекордни температури.“

„Летото уште не пристигна, а гледаме неверојатно топло и влажно време. Но, нема проблем, ќе почекам да почне и календарски летото.“

„Прв пат сум во Барселона, не го очекував ова. Глобалното затоплување е причина за жештината во Европа и светот. Мора да ја почитуваме животната средина.“

Пеколните температури не ја поштедија ни Швајцарија, а ни Алпите.

„35,5 степени во Базел и 35 во Фисп и Делсберг. Денеска немаме рекорд. Но, вчера во Бијаска беа измерени 36,6 степени, што е највисоката температура некогаш измерена на југот на Алпите во јуни“, вели Феликс Блумер, метеоролог во СРФ.

Топлиот бран се очекува и на Балканскиот полуостров.

Маја С. Филдишев