Мицкоски најави целосна блокада на институциите, ако нема договор за избори ова лето
„Ако нема договор за предвремени избори ова лето ќе преминеме во фаза на целосна блокада на институциите“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестот на опозициската партија пред Владата. Побара Владата да го отфрли францускиот предлог за кревање на ветото. Тврди дека додека е тој претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот за да бидат бугарските барања дел од него…
Нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него-рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, францускиот предлог претставува капитулација и побугарување на земјата на рати. Му порача на премиерот Ковачевски да го одбие францускиот предлогот и да не потпишува договори кои не се ништо друго, туку национални понижувања и погрешна меѓународна политика.
Власта удри по стандардот, образованието, земјоделството, а најмногу по економијата – истакна Мицкоски.
Од протестот, лидерот на опозицијата уште еднаш побара одржување на предвремени парламентарни избори. Активната блокада во Собранието ќе предложи, а доколку нема договор за избори ова лето, Мицкоски најави целосна блокада на институциите и протести на улиците низ државава.
Мицкоски побара масовна општествена поддршка до целосен триумф врз, како што рече, корумпираната и криминална власт.
Марина Стојанова-Тонева
