Европа

Вториот круг парламентарни избори во Франција-дуел меѓу Макрон и Меланшон

19.06.2022 15:34

Французите гласаат на вториот и последен круг од парламентарни избори, каде претседателот Емануел Макрон ќе се обиде повторно да обезбеди апсолутно мнозинство за членовите на неговата центристичка партија. Епилогот ќе одреди дали Макрон ќе може релативно лесно да ја спроведе својата политичка агенда…

Вториот круг на парламентарните избори во Франција е своевиден дуел на оддалеченост меѓу претседателот Емануел Макрон и лидерот на обединетата левица Жан Лук Меланшон.

Макрон беше избран за претседател, Меланшон поразен, но успеа да создаде обединет блок на левицата НУПЕС Новата народна еколошка и социјална унија во кој се наоѓаат социјалистите Бунтовна Франција, Еколозите и Комунистите, кои се надеваат дека ќе успеат да победат денес и со тоа да го стават Меланшон за премиер.

Целта на Макрон е повторно да обезбеди апсолутно мнозинство за центристичката коалиција Заедно, за да може да ги спроведе контроверзната пензиска реформа и итно потребните подобрувања во образованието и здравството.

Последните анкети предвидуваат победа на коалицијата Заедно, но не е сигурно дека таа ќе освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници од 577, колку ги има во парламентот, што е праг неопходен за спроведување на планираната политика и најавените реформи. Ако Макрон има само релативно мнозинство, претседателот и владата ќе бидат принудени да бараат поддршка во други табори. Во тој случај ќе треба да склучат сојузи и договори за одредени нацрт-закони, а потоа малцинската влада ќе мора да се потпре на силите на левиот центар или на десниот центар, во зависност од проектот.

Крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен, се надева на основање на парламентарна група, додека голистите од Републиканците се борат за опстанок.

За денешните резултати е клучна излезноста на гласачите. Во првиот круг на гласање излегоа само 47,5 отсто од гласачите, што е рекордно ниска излезност.

Во секој случај вечерва во Франција ќе имаме сосема различен состав на Националното собрани, од тој во 2017 година, кој на претседателот Макрон му даде широко и апсолутно мнозинство.

Тони Гламчевски