Ковачевски: Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин
„Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024-та година“, премиерот Ковачевски по средбата со коалициските партнери изјави дека со писмена декларација го затвора ова прашање. Според него, предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат. Останува воздржаноста од коментар за францускиот предлог за тргање на ветото пред да се усогласат земјите-членки на ЕУ…

Францускиот предлог за отстранување на бугарското вето на преговорите нема да го коментираме и нема да биде предмет на дискусија зашто сè уште не е предлог усогласен од сите 27 земји-членки на ЕУ, изјави премиерот Ковачевски по координативната средба со партиите од владината коалиција. По официјалното добивање на усвоениот предлог ќе се прави детална анализа како да се одговори, истакна Ковачевски.
„Македонскиот јазик мора да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка“, нагласи премиерот Ковачевски.
Претседателот на владата повтори дека не прифаќа уцени од опозицијата за предвремени избори и дека најавената блокада на институциите не е ништо нови и трае веќе две години од почетокот на кризата со пандемијата.
„Потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза. Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за приспособување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна. Оттука, сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година“, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски најави пакет мерки за справување со последиците од кризата од војната во Украина, за да им се помогне на граѓаните и компаниите.
„Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, додаде Ковачевски.
Државата и во време на криза и со оглед на несогласувањата со опозицијата ќе функционира како и досега, рече премиерот додавајќи дека и во такви услови се носат антикризни мерки што даваат резултати.
Ирина Гелевска
