Македонија

МНР на Бугарија: До крајот на француското претседателство нема услови за конечно решение на прашањето за Македонија

20.06.2022 08:53

Конечниот став на Министерството, со кое раководи Теодора Генчовска, која поднесе оставка е дека во моментот не може да подготви и брани официјален став, бидејќи нема одлука ниту на Владата, ниту на Народното Собрание...

Во бугарското Собрание и натаму молк за францускиот предлог. Сè уште не е закажана седницата на Комисијата за надворешни работи, која треба да донесе мислење за текстот.

Се огласи бугарското МНР. До крајот на француското претседателство нема услови за конечно решение на прашањето за Македонија. Во оваа фаза и во овие рокови е невозможно да се дојде до решение на отворените прашања, но предлогот е добра основа за идното решавање на спорот, стои во соопштението.

Конечниот став на Министерството, со кое раководи Теодора Генчовска, која поднесе оставка е дека во моментот не може да подготви и брани официјален став, бидејќи нема одлука ниту на Владата, ниту на Народното Собрание. Во оваа фаза, целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на Националното Собрание, се наведува во соопштението. Доколку тоа не се случи во најбрз можен рок, МНР има мандат само да се придржува до рамковниот став, Декларацијата на Националното Собрание од 2019-та и заклучоците од Советот за национална сигурност, се наведува во дописот од бугарското МНР.