Продолжуваат битките во Донбас
Руската армија е сконцентрирана на истокот на Украина. Властите во Брјанска област известуваат за ракетен напад од украинска страна. Киев очекува интензивирање на руската офанзива пред одлуката на ЕУ за кандидатскиот статус на Украина. Економските последици од конфликтот – тема на самитот во Луксембург на шефовите на дипломатиите на Европската унија...

Продолжуваат битките во Донбас. Руската армија е сконцентрирана на истокот на Украина. Вооружени пресметки и преку границата. Властите во Брјанска област известуваат за ракетен напад од украинска страна. Киев очекува интензивирање на руската офанзива пред одлуката на ЕУ за кандидатскиот статус на Украина.
„Треба да очекуваме уште посилна непријателска активност од Русија. Намерно-демонстративно. Токму оваа недела. И не само против Украина, туку и други европски земји. Се подготвуваме, подготвени сме. Ги предупредуваме партнерите. Окупаторите ги собираат силите во правец на Харков. Удираат врз нашата нафтена инфраструктура, сакаат да ја влошат ситуацијата со нафтата. Ќе одговориме и на ова, се разбира“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Според Москва, Вашингтон праќа помош и оружје во Украина за да ја замолчи Русија на меѓународната сцена.
„Одамна е позната на целта на САД: Русија мора да знае каде и е местото, не смее да има збор во меѓународните прашања. Русија мора да се покори на правилата од САД. Вашингтон е свесен дека нема да успее во тоа“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Економските последици од конфликтот – тема на самитот во Луксембург на шефовите на дипломатиите на Европската унија.
„Војната предизвикува скок на цените и недостиг на енергија и храна. Ги поддржуваме напорите на ОН за деблокада на извозот од Украина. Тврдам дека кризата не е предизвикана од економските санкции. Незамисливо е што милиони тони жито остануваат блокирани во Украина, додека останатиот дел од светот страда од глад. Ова е воено злосторство“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.
Неделава во Брисел продолжуваат разговорите за проширување на НАТО со Финска и Шведска. Нивното барање е оспорено од Турција. Анкара тврди дека овие скандинавски земји поддржуваат членови на Курдската работничка партија, а не се согласува ни со нивната забрана за извоз на оружје во Турција поради воените операции во Сирија.
Маја С. Филдишев
