Дипломатија

Словенечки предлог за старт на преговорите

20.06.2022 13:24

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ги подготвуваат последните документи што европските лидери ќе ги разгледаат на Европскиот совет. На маса францускиот предлог за кревање на бугарското вето за Македонија, но и словенечкиот предлог за забрзување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. За предлогот на Макрон, се чека ставот на Софија...

Скопје анализира, на потег од Софија. Бугарското Собрание треба да расправа за преговарачката рамка, но и за билатералниот протокол, содржани во францускиот предлог за тргање на ветото. Бугарското МНР соопшти дека нема услови за конечно решение за прашањето за Македонија до крајот на француското претседателство. Од Софија. Не запираат провокативните изјави, овој пат од пратеник од партијата на премиерот Петков, според кого, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

„Ставот на Бугарија е јасен – македонскиот јазик го сметаме за дијалект на бугарскиот јазик. Бугарија и понатаму има право на вето и во секое време може да го блокира членството на Република Северна Македонија во Европската Унија“, изјави Димитар Гочев-пратеник од „Продолжуваме со промената“.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ во Луксембург го разгледуваат францускиот предлог. Некои земји-членки имаат забелешки за внесувањето билатерални прашања во преговарачката рамка. Предлогот треба да биде усогласен од сите 27 земји членки пред да се презентира на кандидатките. Се погласни се гласовите дека е потребно забрзување на пристапниот процес на земјава.

„Ќе го информирам Советот за мојата неодамнешна посета на балканските држави особено на Западниот Балкан. За нашите напори да се забрза пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија“, изјава Никос Дендиас-министер за надворешни работи на Грција.

„Подготвивме свој предлог за проширувањето што е во застој. Силно ги поддржуваме сите напори за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија“, изјави Тања Фајон, министер за надворешни работи на Словенија.

„Нашиот став е дека треба да се почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија без натамошно одложување. Северна Македонија чека 17 години на почеток на преговорите, го смени и името и направи се за почеток на преговорите и сега е блокирана поради историски прашања“, изјави Александер Шалемберг, федерален министер за надворешни и европски работи на Австрија.

„Германија силно поддржува и канцеларот беше јасен за западниот Балкан. Сега е моментот западниот Балкан да добие јасен сигнал со отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија“, изјави Аналена Баербок, федерален министер за надворешни работи на Германија.

„Агендата на Чешка како претседавач предвидува особено внимание на проширувањето на западниот Балкан. Со големо внимание следиме решавање на прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија, од што зависи почнувањето на пристапниот процес со Северна Македонија и Албанија“, изјави Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка.

Европскиот совет почнува кон средината на неделата и дотогаш земјите членки треба да се усогласат за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Ирина Гелевска