Енергетика

Одземена лиценцата за производство на топлинска енергија на БЕГ

20.06.2022 14:20

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за престанок на лиценцата на БЕГ. Ќе биде информирана Владата, по што на јавен тендер треба да се избере нов производител на топлинска енергија. Блоковите од новиот тарифник за пресметка на струјата ќе се зголемат, најави Бислимовски, но не кажа за колку...

Регулаторот му ја одзема лиценцата на БЕГ производство. Барања пристигнале и од другите две компании БЕГ дистрибуција и БЕГ снабдување, информираше претседателот на Комисијата Бислимовски. На потег се Владата и Министерството за економија кои ќе треба во најкус можен рок да објават јавен повик за избор на нов вршител на дејноста. Бислимоски верува дека роковите за тоа ќе бидат завршени пред 15-ти октомври, кога почнува грејната сезона. Тој ги увери скопјани дека нема да има никаков прекин во снабдувањето со топлинска енергија. Во случај да снема природен гас од Русија, земјава ќе бара гас од други земји, на пример од Грција преку Бугарија или ќе користи мазут или дизел.

Блок тарифите за електрична енергија ќе бидат зголемени, но за колку, ќе се знае следната недела. Тие нема да важат за малите потрошувачи бидејќи во минатиот период биле правени злоупотреби што предизвикале дополнителни штети од 33 милиони евра на сметка на домаќинствата.

Првично беше предвидено во првиот блок да бидат потрошувачите кои трошат до 210 киловат часови електрична енергија, во вториот блок од 211 до 420, во третиот блок од 421 до 630 и во четвртиот блок над 630 киловат часови електрична енергија.

Фиљана Кока