ИДСЦС и ЕПИ: Собранието уште денеска да свика седница за „францускиот предлог“
Аналитичарите со став дека евентуалното рано внесување на бугарите во уставот пред датум за преговори, може да ја искомплицира ситуацијата. Бараат Собранието веднаш да закаже седница за францускиот предлог. Владата требаше да побара Софија да ја тргне унилатералната декларација во бугарското собрание, вели поранешниот министер за надворешни работи Димитров...
Познати ли се за јавноста домашните црвени линии во време на засилен дијалог меѓу Македонија и Бугарија? Институтот за демократија и Институтот за европски политики со заеднички документ чија содржина има за цел да ја информира општата и политичка јавност и да стави фокус на евентуалните сензибилности кои би произлегле од компромисот со Софија. Тие сметаат дека се наметнува потреба од декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија.
„Собранието да се одважи и во функција на тело каде што суверенитетот на граѓаните е застапен, уште денес да побара седница на којашто ќе се разгледа францускиот предлог, како тој одговара на резолуциите донесени од Собранието, но исто така и да го побара на увид протоколот којшто може многу од работите да промени или да влоши во најлоша ситуација од она што е дефинирано во предлог-преговарачката рамка од страна на Француското претседателство со ЕУ. Тоа е едниот аспект. Она што е многу важно исто така е дека Владата не смее да остане нема, очекувајќи дека земјите-членки ќе го заштитат нашиот процес преговарачки, преку внесување на билатерални спорови, е погрешна стратегија“, изјави Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС.
„Овој предлог задира во области каде што не би требало и креира преседани пред сè, и со историската комисија доколку влезе преку протоколот и со малцинските прашања коишто можат да бидат многу ризични за проширувањето на ЕУ во иднина“, изјави Симонида Кацарска , директорка на ЕПИ.
Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи и за европски прашања, Никола Димитров, вели дека обврските кои ќе ги преземе македонската држава неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ.
„Не може во нашата Македонија, Северна Македонија ние да впишуваме бугарска заедница во Уставот, на барање на Бугарија, а Бугарија за мнозинскиот народ, за македонскиот народ кој зборува македонски јазик уште не е на чисто со македонскиот идентитет. Предлогот не нè носи кон членство во Европската Унија. Ние сакаме да ги почнеме преговорите или сакаме да ги завршиме преговорите и да влеземе во членство? Затоа што не носи во едно тесно сокаче што е исклучително комплицирано, обременето со барањата на Бугарија“, изјави Никола Димитров, поранешен вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи.
Со нашиот сосед живееме во паралелни светови, вели претседателот на Македонското Пан-европско граѓанско движење Маријан Ѓорчев.
„Од 15 јануари, 92-ра година ние премолчуваме, ние на некој начин сме во подредена состојба, на нивното фалбаџиство дека тие први не признале, никогаш не им одговараме со тоа да, но тоа претставува вашата теза дека Македонија е бугарска земја, не го признавате македонскиот јазик и македонската нација. Ние никогаш отворено не сме им ставиле до знаење дека тие уште 93-та година во нивното Собрание не сакаа да ги потпишат договорите во дипломатските комуникации помеѓу Македонија и Бугарија“, изјави Маријан Ѓорчев, претседател на Македонското Пан-европско граѓанско движење.
Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент, заклучија учесниците на дебатата.
Катерина Топалова