Со едрилици и пловни објекти со електрични мотори ќе се заштити езерото
Едриличарството и користењето на пловни објекти со електрични мотори ќе го заштити живиот свет во езерото. Ова беше речено на денешната панел-дискусија во организација на Ериличарската федерација на Македонија. Оваа иницијатива може да се реализира во рок од пет години, меѓутоа за тоа ќе бидат потребни и повеќе финансиски средства бидејќи покрај замената на сегашните бензински мотори ќе биде потребна и изградба на соодветна инфраструктура долж брегот од езерото...

Иако постојат повеќе нивоа на заштита на Охридското Езеро меѓу кои е УНЕСКО во изминатите 4 до 5 децении тоа е изложено на голем притисок од човекот. Поради тоа веднаш треба да се подобри функционирањето на колекторскиот систем, да се изгради марина како независен дел од езерото и рекреативните пловни објекти да користат електрични мотори. Ова беше речено на денешната панел-дискусија во пресрет на утрешниот Ден на Охридското Езеро.
„Мора да се обрне внимание на чамците на моторен погон коишто пловат во езерото бидејќи покрај тоа што загадуваат во истовреме го нарушуваат мирот на живиот свет во езерото. Во таа насока сметам дека моторите на бензин треба да се заменат со електрични мотори и повеќе едрилици, процес којшто може да се реализира во рок од пет години“, изјави Даниел Богнер, експерт за заштитени подрачја.
„Сите тие физички и хемиски промени во животната средина предизвикуваат еколошки промени, односно далекусежни последици врз самата животна средина и живиот свет во неа. Како што веќе спомнав и растителните и животинските видови ги доведуваме во ситуација да ги сменат своите животни навики и да им се смени нивниот животен циклус“, изјави Орхидеја Тасевска, директор на Хидробиолошки Завод Охрид.
Во моментов односот на моторни пловила наспроти едрилици е 60 наспрема еден, а целта е во иднина да се зголеми бројот на едрилици и пловила кои користат електрични мотори.
„Еден глисер од 1 000 коњи од овде до Свети Наум ќе стигне за 15 минути ама ќе потроши 100 литри гориво, а ние 100 литри гориво па незнам,за неколку години ќе потрошиме“, изјави Будимир Соколовиќ-Едриличарска федерација на Македонија.
За да се реализира оваа иницијатива ќе бидат потребни поголеми финансиски средства бидејќи покрај вложувања во електрични мотори ќе треба да се има и развиена инфраструктура долж целиот брег каде што сопствениците на пловни објекти ќе можат да ги полнат батериите.
Сашо Нелоски
