Ковачевски: Во протоколот што стигна во бугарското собрание нема нови услови за нас
Преговарачката рамка е мултилатерален документ и во неа не треба да има место за билатералните прашања, став на премиерот Ковачевски. Тој за нацрт-билатералниот протокол меѓу Скопје и Софија рече дека кажува што е постигнато досега и што треба да се направи, и во него нема нови барања или услови. Ковачевски денеска и беше домаќин на премиерката на Финска, Сана Марин. Таа побара веднаш да отпочнат преговорите, тој и кажа дека Скопје целосно го поддржува членството на Финска во НАТО...

„Во протоколот што стигна во бугарското собрание нема нови услови за нас“, рече премиерот Ковачевски.
Според него станува збор за она што е сработено и за понатамошните чекори во однос на спроведувањето на Договорот за добрососедство. Тој протокол се потпишува на ниво на министерства за надворешни работи и кажува до која фаза сме стигнати и што е наредно – појасни премиерот.
Што се однесува до преговарачката рамка, Ковачевски истакна дека таа е мултилатерален документ во кој се наведени насоките и правилата за процесот на преговарање за пристапување во ЕУ, па според него, билатералните прашања да се решаваат со државите со кои имаме билатерален спор.
Ковачевски ја пречека финската премиерка Марин, кој побара веднаш да се отворат пристапните преговори со земјава и со Албанија, бидејќи Унијата не смее да остави замрзнато прашање.
Премиерот Ковачевски за време на разговорот со Марин истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евро-Атлантскиот Регион и оти Скопје за тоа дава безусловна поддршка. Премиерката Марин се сретна и со спикерот Џафери и претседателот Пендаровски. Шефот државава на средбата посочил дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации во земји-членки на Унијата.
Марина Тонева Стојанова
