Првиот оглас од ИПАРД програмата во јули
Сите заинтересирани правни лица за користење на парите од ИПАРД програмата можат да се подготвуваат за доставување на барањата. Јавниот повик се однесува за поддршка на инвестициите во основни средства за преработка и за маркетинг на земјоделски и на производи од риба. Повикот ќе биде објавен во втората половина на јули годинава...

Платежната агенција за еден месец ќе го објави првиот оглас од ИПАРД програмата за оваа година. Поддршката е за инвестиции во основни средства за преработка и за маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Прифатливи за кофинансирање ќе бидат трошоците за набавка на опрема и услуги без трошоците за градежни работи. Прифатливи инвестиции се и набавката на опрема за производство на енергија од обновливи извори и поставување или инсталирање на фотонапонски панели со максимален капацитет до 1 мега ват.
Потребната документација за подготовка и поднесување на барања, заедно со Упатството за корисниците на средства ќе бидат подготвени и објавени на веб-страницата на Агенцијата во периодот пред објавувањето на Јавниот повик.
Целта на ИПАРД Програмата е преку соодветни мерки да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и прехранбениот сектор, со усогласување со стандардите на Европската унија и социјално-економски развој на руралните средини.
Јавниот повик ќе трае најмалку 45 дена од денот на неговото објавување во дневните печат.
Методија Трајков
