Воен конфликт

Зеленски: Ќе направиме сè што е можно да го заштитиме народот

21.06.2022 13:16

Силите на Киев водат „тешки“ битки за градовите Северодоњецк и Лисичанск. Руските сили го контролирале поголемиот дел од Северодоњецк. 1,2 милиони граѓани на Украина биле насилно однесени во Русија од почетокот на војната...

Украинскиот претседател Зеленски рече дека силите на Киев водат „тешки“ битки за градовите Северодоњецк и Лисичанск. Тој веќе предвиде дека Москва ќе ги ескалира нападите пред самитот на ЕУ во четврток и петок.

„Руската армија се обидува повторно да собере сили за да го нападне Харков. Речиси половина милион жители. Тие сакаат да го заземат и целосно да го уништат Славјанск – таму пред војната имало 100.000 жители. Се разбира, ќе направиме сè што е можно да ги запреме окупаторите, да го заштитиме народот. Но потребна ни е поддршка, модерно вооружување, оружје што ќе има подобри капацитети од оружјето на руската армија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Гувернерот на Луганск рече дека руските сили го контролирале поголемиот дел од Северодоњецк, со исклучок на хемиската фабрика азот, каде што стотици цивили се кријат со недели.

„Во насока Северодоњецк продолжува гранатирањето на единиците на нашите војници од артилерија од различен калибар. Русија изврши воздушни напади во близина на Устинивка, Хирске и Лисичанск. Нападите насочени кон воспоставување целосна контрола над градот Северодоњецк не престанаа. Непријателот спроведува офанзивни операции и борбите продолжуваат“, изјави Олександр Штупун, Генералштаб на вооружените сили на Украина.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека 1,2 милиони граѓани на Украина биле насилно однесени во Русија од почетокот на војната.

„Имам бројка колку вкупно биле депортирани, а таа е малку поинаква од онаа што ја дава руската страна. Но, вие разбирате дека руската страна никогаш не ја кажува вистината. Нашата разузнавачка служба покажува дека се работи за 1,2 милиони луѓе.секако, ова е голема бројка. Има 240.000 деца и околу 2.000 сирачиња“, изјави Ирина Верешчук, вицепремиер на Украина.

Руското министерство за одбрана објави снимка од борбена мисија на екипажот на оперативно-тактички ракетни системи „Искандер“ за изведување напади врз воените инфраструктурни објекти на украинските вооружени сили.

Москва повторно и се закани на Литванија откако балтичката земја го забрани преминувањето на стоки под санкции од ЕУ кон руската енклава Калининград. Во меѓувреме, новинарот Дмитри Муратов го продаде својот медал на Нобеловата награда за мир за 103,5 милиони долари, а парите ќе бидат донирани за бегалците од војната во Украина.

Марина Ристова