Евроинтеграции

Советот за општи работи без конкретна одлука за старт на преговорите

21.06.2022 13:39

Европските министри го повторија ставот дека Унијата треба да продолжи со проширувањето кон Западен Балкан за да се зачува кредибилитетот на Унијата во регионот. Бугарија не го изнела својот став за францускиот предлог за отстранување на ветото...

Последниот Совет за општи работи под француското претседателство без одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Бугарија не го изнела својот став за францускиот предлог за отстранување на ветото. Комисијата за надворешни работи на бугарскиот Парламент допрва ќе го разгледува. Европските министри истакнаа дека се за продолжување на проширувањето на Западниот Балкан за да се врати кредибилитетот на ЕУ во регионот.

„Ќе го разгледаме планот на Словенија за проширувањето на ЕУ. Очекувам позитивен сигнал за западниот Балкан со постигнување договор меѓу европските лидери за почеток на пристапните преговори со северна Македонија и Албанија, кандидатски статус за БИХ и Украина“, изјави Тања Фајон од Министерство за надворешни работи на Словенија.

„Грција е една од клучните поддржувачи на проширувањето со северна Македонија и Албанија. За нас е уште повеќе важно да имаме граница на север со европска членка. Затоа се посветивме да најдеме решение меѓу северна Македонија и Бугарија за надминување на пречката за да им дадеме зелено светло за првата меѓувладина конференција“, изјави Милтиадис Варвициотис, заменик министер за надворешни работи на Грција.

Советот за општи работи потврди дека на Украина и Молдавија и се доделува кандидатски статус, а на Грузија европска перспектива.

 

Ирина Гелевска