Свет

Расправата за доверба на владата на Петков

21.06.2022 13:52

Францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје утре е на дневен ред на комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание. Денеска во бугарскиот Парламент расправата за доверба на владата на Кирил Петков. Пред зградата на народно собрание протести...

Дали владата на Кирил Петков ќе го преживее ли гласањето доверба? Сè ќе се знае до среда навечер или најдоцна до четврток напладне. Во Парламентот, почна дебатата за и против владеењето на бугарскиот премиер. На Петков му недостигаат уште неколку пратеници да преживее, но тој е оптимист дека неговата влада ќе опстане. Смета дека има одлични резултати во економијата и дека нови избори ќе ги секнат милијардите евра од унијата кои Бугарија треба да ги добие за проекти.

„Сакам да им се обратам на пратениците, особено на оние од „Има таков народ“. Ние знаеме дека многумина од вас сте влезени со јасни цели и не сте помислувале дека вашите лидери ќе ја фрлат Бугарија на колена. Вие сте тие од кои во моментов зависат седум милиони бугари“, изјави Кирил Петков, премиер на Бугарија.

Барањето за гласање за недоверба на владата го поднесе партијата „ГЕРБ“ на Борисов. Пратениците кои се контра Петков тврдат дека со владата нема дијалог, а економските резултати и инфлацијата се катастрофални.

Ќе гласам за недоверба на владата. Сите треба да се научиме да водиме дијалог и кога велам дијалог, мислам на борбата со корупцијата, но и моралот кои треба да ги покажеме на дело. Се надевам дека после ова сите ќе ја научиме лекцијата“, изјави Ива Митева, пратеник на „Има таков народ“.

„Аргументите за интерпелацијата се: работата на бугарскиот граѓанин, цените на бензинските пумпи и во супермаркетите. Ако гласањето не помине ќе настане агонија, а државата ќе влегува од криза во криза“, изјави Јордан Цонев пратеник од ДПС.

Паралелно со седницата во Собранието се одржуваат протести во Софија – и за поддршка на актуелното раководство и за негово паѓање. За политички да преживее, на Петков му требаат 121 пратеник. Засега има 115.

Миле Ристески