Македонија

ССМ стапува во генерален штрајк

21.06.2022 14:17

Сојузот на синдикати на Македонија стапува во генерален штрајк. Одлуката беше донесена откако во собраниската комисија не помина амандманот на линеарно покачување на платите во јавниот сектор

Откако на собраниската Комисија не помина нивниот амандман за линеарно покачување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023-та година, Сојузот на синдикати на Македонија стапува во генерален штрајк.

Во соопштението се вели „Работниците беа сведоци на срамно однесување на пратениците од владејачкото мнозинство. Гласот против работниците, е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден глас за генерален штрајк. Денеска работниците ве молеа, утре ќе ги молите“

Членовите во собраниската Комисија од опозицијата уште еднаш ги повикаа своите колеги од мнозинството да ја преиспитаат својата одлука. Дел, пак преминаа на меѓусебни обвинувања.

Од Сојузот на синдикати на Македонија појаснуваат дека согласно правилата за време на генералниот штрајк ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор.

Фиљана Кока