Нов закон за заштита на потрошувачи
Владата со нов Закон ќе ги штити потрошувачите од несовесните трговци. Казни за оние кои манипулираат со достапноста на производите, даваат неточни информации или го доведуваат потрошувачот во заблуда...

Владата со нов Закон ќе ги штити потрошувачите од несовесни трговци кои на нечесен, измамнички или агресивен начин се обидуваат да направат екстра профит.
Кабинетот на Ковачевски го усвои решението. Во него се предвидени механизми да се спречи нарушување на економскиот интерес на купувачот, да се санкционира трговецот кога дава неточни информации, манипулира со достапноста на производот или потрошувачот го доведува во заблуда. Казните, во зависност од големината на компанијата се движат од 500 до 10.000 евра. Предвидена е и привремена забрана за вршење дејност – до две години за среден и голем трговец и до еден месец за микро и мал трговец. Ќе се изрекува и забрана за вршење професија, кај одговорните лица во компаниите до една година и до еден месец кај трговец-поединец.
„Потрошувачите чиишто права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надоместок на штета којашто ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење дејност“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Бектеши не е задоволен како се почитува ограничувањето на трговските маржи на основните прехранбени производи кое важи до 30-ти септември. Трговците се правдале дека ги трошат залихите, но ако работата не се промени, идната недела веројатно ќе се прошири листата со нови производи. Како опција сè уште стои и замрзнување на цените.
„Ние сме задоволни што има намалување на цените, но мислам дека има простор за дополнително намалување. Ако гледаме дека не се почитува одлуката во делот на замрзнувањето на маржите, согласно сите анализи на увозните и производствените цени и трошоците коишто се вградуваат во цената, секогаш стои опцијата дека може да се донесе и таква одлука“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Надлежните велат дека новиот Закон за заштита на потрошувачи е целосно усогласен со европската регулатива, а ќе се воведе и Закон за нефер трговски практики.
Мартин Пушевски
