Франција

Макрон на разговори со челниците на партиите, бара мнозинство

21.06.2022 15:20

Францускиот претседател Макрон на разговори со политичките партии за формирање на група во новиот парламент. За помалку од два месеца откако беше реизбран за претседател, лидерот на центристите ја загуби контролата врз народното собрание поради зголемената поддршка за левичарската коалиција и ултрадесничарите на парламентарните избори. За да ја спроведе агендата, ќе му бидат потребни 289 мандати од парламентот со 577 места...

Францускиот претседател Макрон ја одби понудата на премиерката Елизабет Борн да поднесе оставка откако неговиот политички сојуз претрпи огромни загуби на парламентарните избори. За прв пат, во три децении, претседателскиот центристички сојуз го загуби апсолутното мнозинство, а ваквиот исход ќе го отежне спроведувањето на неговата агенда во рамките на вториот лидерски мандат кој го доби пред околу два месеца. Макрон деновиве на разговори со челниците на партиите застапени во парламентот за да се истражат сите можности за конструктивна соработка или коалиција. Доколку не обезбеди поддршка, Франција влегува во политичка криза.

„Влегувам во Парламентот со една решителна идеја, да ја преземам и водам битката против ултрадесничарите на коишто владата им дозволи да растат и да се шират во последните неколку години“, рече Артур Делапорт, пратеник на Социјалната партија – НУПЕС.

„Мора да се решат проблемите на францускиот народ. Мора да се врати довербата во политиката, во спротивно ќе се зголемува револтот, гласот „против“. Убедена сум дека сите политичари се соочуваат со ова“, изјави Ен Женевард, пратеник на Републиканската партија.

Излезноста годинава беше рекордно ниска. Дел од гласачите изненадени од фрагментираноста и поларизацијата на Парламентот.

„Одлуката на Макрон да води кампања надвор од Франција не беше добро прифатена. Тој отиде во Украина наместо да ги поддржи сојузниците. Згора на тоа, Французите не го гледаат украинското прашање како приоритет бидејќи не можеме да им помогнеме повеќе од ова досега така што тој не требаше да замине таму. Требаше да им помогне на своите кандидати. Тој не го стори тоа, па си ја плати цената“.

„Не знам ни кој се кандидираше. Читав нешто ако ме интересираше, но не ги следам сите информации на коишто наидувам зашто има многу лажни вести. Дури и да гласав, немаше да знам за кого да гласам. Не им ги разбирам програмите. Изборите ми се бесмислени“.

Коалицијата на Макрон „Заедно“ освои 38,48% од гласовите, односно 245 мандати во Парламентот, што е најмалото мнозинство во историјата на Петтата република. Претседателот ќе мора да се соочи со 131 член од левата коалиција НУПЕС на Меланшон, десничарите на Ле Пен кои освоија 89 места и Републиканците кои добија 61 мандат. За апсолутно мнозинство се потребни 289 од вкупно 577 пратеници.

Маја С. Филдишев