Патријарх Порфириј во посета на охридските духовни светилишта
Српскиот Патријарх Порфириј е во Охрид. „поклонувањето пред моштите на светците е најубава можност и прилика да се види што оставиле низ вековите луѓето коишто ја живееле православната христијанска вера и што ја оставиле како духовна култура“ рече тој. Во придружба на архиепископот Стефан го виде возобновениот Светиклиментов храм на Плаошник и манастирскиот комплекс „Свети Наум“…

Денеска во Охрид имавме можност да се поклониме на православните христијански светилишта при што видовме што за христијаните било најважно во нивните животи пред многу векови. Тие не само што ја чувале туку и ја живееле својата православна вера. И ништо друго да немаме кога ги посетуваме ваквите светилишта имаме јасна порака за нас кои живееме во овие времиња изложени на разни предизвици, коишто често нудат некои нови вредности, нови погледи на светот. Ова при посетата на црквата Света Богородица Перивлепта и Галеријата на икони го рече Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј, кој беше придружуван од својот домаќин Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
„Секако црквата е секогаш современа, таа не и припаѓа само на минатото, ниту на сегашноста, па ниту на иднината, таа и припаѓа на вечноста и во тој поглед е современа и се труди секогаш да биде актуелна,да ги дели сите проблеми,сите искушенија, сите неволји, но и сите радости со кои се соочува секој човек живеејќи во ова време“, рече г.г. Порфириј, Патријарх на Српската православна црква.
Поклонуваќи им се на светците имаме најубава можна шанса и прилика да се загледаме во себе и да видиме каква духовна култура оставиле тие што живееле пред нас живеејќи ја православната вера, рече Патријархот Порфириј, посочувајќи дека можеме да бидеме вкоренети во преданијата и да се наоружаме за да живееме како современици на сите луѓе.
Посетата на Охрид, Патријархот Порфириј ја искористи да ги види и возобновениот Светиклиментов храм на Плаошник и манастирскиот комплекс „Свети Наум“ каде што пристигна со брод со цел да може да ги види сите духовни храмови распослани долж источното крајбрежје на Охридското Езеро.
Сашо Нелоски
