Куманово: Сè уште нема решение за аерозагадувањето
Кумановци продолжуваат да се гушат во непријатна миризба и чад. Извор на аерозагадувањето по анализите на овластените инспектори од општината и државниот инспекторат за животна средина, најверојатно е фабрика од Општина Прешево. За проблемот веќе е известена и Република Србија. Но решение, се уште нема...

Сè уште нема решение за загадувањето на воздухот во Куманово. Граѓаните алармира, а овластените инспектори, потврдија дека веќе неколку седмици на различни локации во градот се чувствува непријатна миризба на изгорена гума и пластика. Загадувањето најмногу e изразено во вечерните и раните утрински часови. По анализите на терен е утврдено дека загадувањето доаѓа од фабрика за производство на лепило и креч во Општина Прешево, Република Србија.
„Наши сограѓани ни доставија и снимки кои патуваа во Србија конкретно од инсталацијата, така што ние како општинска инспекција го известивме Државниот инспекторат тие да преземат понатамошни надлежности согласно Законот за меѓугранично загадување“, истакна Бобан Бојковски, инспектор за животна средина при Општина Куманово.
За проблемот со аерозагадувањето во Куманово, запознаени се и инспекторатот и Министерството за животна средина. Тие веќе контактирале со колегите од Србија, но засега нема никаков одговор.
„Државниот инспекторат направи контрола и на сите отпади во општина Куманово и им укажа доколку затекне загадување како резултат на палење ќе добијат забрана за работа, ќе бидат затворени и ќе се изречат парични глоби“, вели Сретен Стојковски, директор на инспекторат за животна средина.
Од Општина Куманово појаснуваат дека загадувањето не може да се реши на локално ниво. За проблемот веќе е известена и Општина Прешево, како и амбасадорката на Република Србија во земјава. Согласно податоците со коишто располагаат веќе е поставена лабораторија со која таму ќе се мери аерозагадувањето.
„Кумановци не смеат да бидат заложници на едно вакво загадување, некој ќе профитира, некој ќе се гуши и затоа апелирам силно преку институциите да се крене проблемот на повисоко ниво и да се реагира многу побргу од тоа што реагираат институциите“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Група граѓани пред неколку дена одржаа и протест на градскиот плоштад во Куманово, од кој побара надлежните да го решат проблемот со аерозагадувањето.
Елена Георгиевска
