Презентација на археолошките пронајдоци на локалитетот „Врбник“
Со презентација на археолошките пронајдоци на локалитетот „Врбник“ денес во Струга се одбележа денот на Охридското Езеро. Досега е истражена само една десетина од подводниот локалитет, кој е атрактивен и треба да биде достапен за јавноста...

По повод Денот на Охридското Езеро денес во Струга беа презентирани резултатите од археолошките истражувања на локалитетот „Врбник“. Пред јавноста беа претставени дел од пронајдениот богат археолошки материјал, керамика, садови, разновидни бронзени предмети и накит.
Досега е истражена само една десетина од подводниот локалитет, кој е атрактивен и треба да биде достапен за јавноста.
„Стои отворена можноста за отворање на изложба за претставување на пошироката јавност од една страна а од друга страна дека е репрезентативен и атрактивен локалитет во секоја смисла на зборот“, изјави Валентина Тодороска археолог.
Меѓународниот тим археолози, кој веќе две години работи на локалитетот „Врбник“ под водство на Универзитетот во Берн се воодушевени, велат подводната наколна населба крие многу вредно археолошко наследство.
„Главната цел од археолошки аспект да се утврди староста, од кога датира најстарата наколна населба на Охридското езеро, која е најмладата и може да кажеме дека најстарите досега откриени пронајдоци датираат од 500 година пр. н. е. а најмладите од 800 или 700 година пр. н. е.“, изјави Алберт Хафнер професор од Универзитетот во Берн.
Музејот за археологија планира воведување на посебно одделение за подводна археологија.
„Многу ми е мило што го презедовме раководењето и надлежноста за овој подводен локалитет она што е важно е дека оваа година во рамките на археолошките истражувања се спроведуваат и интердисциплинарни истражувања“, изјави Славица Бабанова директор на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија.
По повод Денот на езерото Едриличарскиот клуб „Струга“ за љубопитните посетители организираше бесплатни тури до локалитетот „Врбник“.
Соња Рилковска
