Македонија

Радев: Францускиот предлог е најдобар за Бугарија, но да не се брза

22.06.2022 11:59

Францускиот предлог за кревање на бугарското ветото за Македонија, попладне треба да се разгледува од комисијата за надворешна политика. Вечер пак, гласање по предлогот на опозицијата за гласање недоверба на владата на Петков. Францускиот предлог е најдобар за Бугарија, но предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија, смета бугарскиот претседател Радев. ГЕРБ дава зелено светло за Македонија и Албанија...

Европските партнери веќе го делат ставот дека прашањето за граѓанските права, нивната одбрана и заштита не само што може да биде билатерално меѓу Македонија и Бугарија, туку мора да се подигне на ниво на Европската Унија, вели бугарскиот претседател Радев, кој го поддржува францускиот предлог како преговарачка рамка, но додава дека тоа зависи и од билатералниот протокол. Радев ги повика бугарските политичари да не брзаат да прогласат како што рече, историска победа, затоа што промената на македонскиот устав не е последен, туку прв чекор на патот кон интеграцијата.

„Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документи - првиот е преговарачката рамка, која е заложба и ја развива Европската унија. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел од преговарачката рамка. Во моментов, предложениот билатерален протокол не дава доволно гаранции за заштита на нашиот интерес. Го повикувам Советот на министри да не се крие зад Народното собрание. Тоа е водечка институција и очекуваме да имаме јасни и одговорни одлуки“, изјави Радев.

Бугарскиот претседател со порака и до македонските политичари дека е време за лидерство, храброст и одговорност. И поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов го поддржува францускиот предлог. Изјави дека верува во Макрон и во Европската Комисија. Го повика премиерот Петков веднаш да свика состанок на Советот на министри, да се дадат предлози и да дојде во Парламентот.

„Да престане да си игра со тоа кој не е со нас е мафијаш. Кирил Петков си дозволува да лаже во Брисел дека министерот на Слави Трифонов му пречи, дека ГЕРБ му пречи. Разговарав со пратениците на ГЕРБ и ги замолив, ако ми веруваат, да дадат поддршка, со давање зелено светло за Северна Македонија и Албанија“, вели Борисов.

Брисел го чека следниот потег на Софија, пред состанокот на лидерите на ЕУ во петок. Бугарските медиуми најавуваат дека пратениците од владејачките фракции размислуваат да поднесат декларација до парламентот, слична на онаа за воена помош за Украина, во која се нагласува дека Националното собрание се обединува околу одлуката за деблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Ваквата декларација би му ги одврзала рацете на секој премиер да го укине ветото.

Милчо Велески